|
Еве неколку практични “трикови“ буквално да возите надвор од радарот на полицајците:
Возете во колона
Полицајците најчесто ги “ловат“ оние возачи кои возат забележително побрзо од останатите околу нив. Така што, ако веќе возите со брзина поголема од ограничената, обидете се тоа да го камуфлирате приклучувајќи се на колона или група од возила која го пречекорува ограничувањето. Иако сите правите прекршок, шансите Вас да ве застанат и казнат се многу помали ако успеете да се приклучите на колона и притоа се “бутнете“ во средината. Ако сте на челото од колоната, логично е дека ќе бидете првите што ќе бидат фатени на радарот. Ако пак сте последниот, веројатно ќе бидете вториот што ќе биде застанат, зад оној од челото. Значи, најбезбедното место за Вас е средината од колоната, исто како за газелата која бега од гладниот лав барајќи спас во средината од стадото.
Најдете "мамец"
Ако не можете да најдете група на која ќе се приклучите, втората најдобра опција е да си најдете “мамец“ – осамен возач кој вози со вашата посакувана брзина и кој можете дискретно да го следите на 50 – 100 метри позади. Ако наидете на радарска контрола, поизвесно е дека “мамецот“ ќе “загриза“, а вие ќе куртулите. И ако тој нагло почне да сопира, вие така добивате сигнал веднаш да ја намалите брзината.
Не ги менувате лентите често, не возете агресивно и опасно
Многу млади новопечени возачи знаат така да лудуваат, но не знаат дека се уште постојат случаи кога принципиелни учесници во сообраќајот веднаш ја информираат полицијата. Наместо ризични егзибиции, настојувајте секогаш да бидете примерни. На тој начин сте и далеку побезбедни, а полицијата нема повод да ве сопре.
Избегнувајте ја брзата лента
Секако дека треба да ја користите кога ќе ви биде потребно да престигнете, но обидете се да останете во десната или во средните ленти (кога се повеќе) секогаш кога можете. Ако полицаецот е во близина, секако прв на удар е оној кој “лета“ во брзата лента. Многумина од возачите кои добиваат казни обично знаат да пречекорат само 20-ина км/ч над лимитот, а сепак остануваат во брзата лента.
Не ја пречекорувајте брзината кога сте сами на патот
Да спринтувате осамени на патот е исто како да сте залепиле налепница на вашето возило на која пишува “казнете ме!“. Дури и ако возите одвај десетина км/ч над ограничувањето, ако има радарска контрола, полицијата нема кој друг да фати освен Вас. Овие примери се уште поопасни во помалите градови каде радарската контрола и агресивното приведување се вообичаени. Исто така, никако немојте ова да го правите ноќе. Тогаш полицијата се во “лов“ на пијани возачи и веројатно е дека и вас ќе ве застанат да “дувате“. Не им давајте повод.
Набавете антирадар
Да, вообичаено се скапи, но еднократната инвестиција за нив чини помалку од една “подебела“ казна и повисоките осигурителни трошоци кои доаѓаат со неа. Антирадарот во секој случај е вредна инвестиција.
Ако сте во можност, возете неатрактивно возило.
Во човековата природа е да ги забележи нештата кои се разликуваат од масата. Така, возилата со дречливи бои, со гласни издуви и со други шминкерски додатоци побрзо го привлекуваат вниманието на полицаецот од конвенционалните, неупадливи семејни возила. Бидејќи полицаецот мора да застане едно возило, поверојатно е тоа да биде атрактивниот автомобил. Ако ве застанат со такво возило, шансите да ве казнат наместо да ве предупредат се минимални. Штом имате такво возило, полицаецот нормално ќе претпостави дека намерно го “стискате“ и заслужувате казна, за разлика од оној со семејното возило што се правда дека не забележал дека ја пречекорил брзината.
Собирајте искуства
Полицијата има точки или пунктови од каде што вообичаено “демне“. Било да се работи за нашите градови, автопати, или за патиштата во соседните држави (особено во летните месеци), корисно е да се информирате. Така што, ако имате било каква информација каде вообичаено се поставени, може многу заштедите.
Вашата појава зборува
Ако Вашата појава прикажува "одговорен член на општеството", поверојатно е дека ќе добиете попријателски прием кај полицајците, отколку ако оставате неуреден и општо негативен впечаток.
Сумирано, најлошото нешто што можете да го направите е да ги искомбинирате сите негативни примери – да возите пребрзо со маркантен автомобил, и тоа ноќе кога сте единствениот на патот и изгледате како штотуку да сте ограбиле банка. Ако така постапувате не очекувајте милост.
|