|
Linea е автомобилот со кој италијанскиот производител влегува во во сегментот на лимузините од ниската класа. Дали е вистинската лимузина за македонскиот фамилијарен човек, ќе се обидеме да откриеме во тест возењето на Linea со основниот бензинец 1,4 со 77 КС.
Каков е однадвор
Иако базирана на Grande Punto, Linea не изгледа како него. За ова голема заслуга има внимателниот избор на линиите, но и долгото меѓуоскино растојание, кое прави автомобилот да изгледа како вистинска лимузина, со карактеристична динамична линија, по целата должина на автомобилот.
Посебно е забележителен предниот дел, со големи фарови и голем отвор за воздух. Неговата доминација е надополнета со елегантната странична линија и интересниот заден дел со нетипична светлосна група. Финалниот резултат е елегантен седан автомобил со совршени пропорции и италијанска грациозност.
Каков е внатре
Grande Punto со многу повеќе простор и напред и позади – така најдобро може да се опише ентериерот на Linea.
Простор
Благодарение на меѓуоскиното растојание од 2.603 mm, простор и на предната и на задната клупа има на претек. Седиштата се дизајнирани со главен критериум – комфор, и се одлични за подолги патувања, па финалната оценка за просторот во внатрешноста е највисока.
Целосно задоволува и багажникот – 500 литри се доволни за сите куфери на четиричлено семејство за двонеделен одмор. Единствен недостаток на сите седан автомобили е малата врата на багажникот, заради што е отежнато товарањето на поголеми предмети. Инаку, со спуштањето на задната клупа се добиваат високи 870 литри корисен простор.
Ергономија
Едноставниот дизајн на предната табла придонесува за одлична ергономија. Интересно е што менувачот е повисоко поставен и секогаш е на дофат на раката, а благо закосената средна конзола ги прави командите полесни за читање, што го олеснува нивното користење. Инструмент таблата ги вклучува сите потребни информации и е лесно читлива, благодарение на големите инструменти.
Материјали/Завршна обработка
За цената според која се продава, не може да се замери на тврдата и малку неугледна пластика во внатрешноста на Linea.
На пат
Меко подесената суспензија не дозволува некоја посебна забава при возењето ниту пак подинамично возење со Linea. Oсновниот бензинец е наменет за штедливо возење и не воодушевува со перформансите.
Удобност
При конструирањето на Linea, италијанските инженери ги имале источните пазари на ум, а тоа значи нерамни патишта со многу дупки. Затоа, на својот семеен седан тие му подарија француски меко подвозје, кое добро ги впива сите нерамнини на нашите патишта и не пренесува премногу потреси или вибрации во внатрешноста. Затоа е и одличното чувство кои патниците го имаат кога се возат со Linea.
Пофалби одат и на сметка за звучната изолација, која не пропушта звуци од гумите и ветерот, што посебно се забележува на повисоки брзини. Единствено пречи звукот од моторот, но само при повисоки вртежи, кои често и ќе бидат потребни, заради помалата сила и нискиот вртежен момент.
Мотор/Перформанси/Менувач
Најслабиот мотор во понудата на Linea не воодушевува со перформансите, но има доволно сила за да повлече на нагорнина, што е многу важно за безбедноста.
1,4 литарскиот бензинец со 77 КС е придушена верзија на посилниот со 100 КС. Бројките велат дека до стотка забрзува за 14,6 секунди, додека максималната брзина изнесува 165 km/h. Ова е и повеќе од доволно за секое семејство, уште повеќе ако се знае дека автомобилот најчесто ќе вози во градски услови.
Менувачот има добро одмерени степени на пренос, додека менувањето на брзините е мошне прецизно и лесно.
Возни својства
Намената на возилото кажува се – Linea нема да овозможи забава во возењето и не нуди висока возна динамика. Сепак, стабилноста е на солидно ниво дури и на поголеми брзини, па семејствата нема да треба да се грижат за својата безбедност. И кочниците се на ниво на зададената задача и овозможуваат многу краток пат на кочење.
Управување
Управувачот е многу лесен во градски услови и го олеснува паркирањето, а станува покрут на повисоки брзини и задоволува со својата прецизност.
Трошоци
Семејна лимузина, голема колку BMW Серија 3, за неверојатни 9.900 евра! Поевтино од ова и не може – Fiat го погодува македонскиот купувач директно во срцето.
Цена/Опрема
Основниот модел Active, кој во продажната акција чини 9.900 евра, доаѓа со клима уред, електрика на прозорци и централно заклучување, подготовка за радио, ABS+EBD и две воздушни перничиња (подетален преглед на опремата имате тука http://koli.com.mk/novi_cenovnik_tabela-golema.aspx?id=3637#cenovnik).
Опремата не е особено богата, но затоа доплатите се многу евтини и полно опремена Linea би чинела не повеќе од 11.000 евра, што е извонредно ниска цена за толку големо возило.
Конкурентите од ниската класа имаат слична цена, но многу помали димензии и се базирани исклучиво на хечбек верзиите од матичниот модел (Aveo, Thalia, 206 Sedan, Cordoba...). По димензии, Linea може да конкурира и на седаните од компактната класа, како Lancer, Cruze…
Моделот на фотографиите е 1,3 Multijet Dynamic, кој чини 13.790 евра, а од дополнителна опрема има плус автоматска клима, која чини 1.000 евра.
Потрошувачка
Помалата сила на основниот бензинец е заслужна и за пониската потрошувачка. Фабричките податоци велат дека просекот е 6,3 литри на 100 km, односно 8,2 литри во град и 5,1 на отворено. Реално, бројките од нашето тест возење покажаа дека потрошувачката во град изнесува околу 9 литри, додека на отворено може да се вози со 6 до 6-5 литри на 100 km. Просечно, на тестот потрошивме околу 8 литри гориво, што е солиден резултат за една семејна лимузина со бензински мотор, со напомена дека тест автомобилот имаше поминато помалку од 1.000 Km (фабричката и оптимална потрошувачка се постигнува некаде над 5.000 поминати километри за речиси секој нов автомобил)
Безбедност
Linea се уште не е тестирана од EuroNCAP, но ја има предницата на Grande Punto (пет ѕвездички), додека во основната опрема доаѓа со две предни воздушни перничиња и ABS+EBD. Тука е и системот за заштита од пожар, кој е стандардна опрема кај Linea.
За кого не е овој автомобил
Linea нема да го понуди премиум чувството на седани од типот на Corolla, Civic Sedan или Mazda 3 Sedan. Сепак се работи за семеен автомобил со ниска цена, со мислите насочени кон купувачите со поплиток џеб.
За кого е овој автомобил
За оние кои немаат многу буџет, а сепак им е потребен простран семеен автомобил, Linea е вистинскиот избор. Изгледа модерно, многу е пространа, има голем багажник, добро ги впива дупките на нашите патишта, а притоа и не троши многу гориво. Конкуренцијата можеби нуди слични, па дури и пониски цени, но не го нуди стилот на Linea, а многу заостанува кога во прашање се просторот и удобноста. Тука Linea е убедливо најдобра во класата.
Предности
• Многу простор во внатрешноста
• Голем багажник
• Удобност
• Одлична ергономија
• Солидна потрошувачка
• Богата опрема
• Ниска цена на доплати
• Одлична цена
Недостатоци
• Евтина пластика во внатрешноста
• Просечни возни својства и перформанси
• Моторот е бучен на повисоки вртежи
|