|
Првиот од нив е Twizy Z.E. – градски миниавтомобил кој нуди место за двајца патници сместени еден позади друг. Електричниот погон од 20 КС овозможува максимална брзина од 75 km/h, додека вртежниот момент од 70 Nm е таман за возни својства идеални за градска средина, споредливи со помоќните скутери.
Zoe Z.E, пак, е доказ дека електромобилот не мора нужно да има научнофантастичен дизајн, туку симпатичен и привлечен. Внатрешноста може комплетно да ја дизајнира (персонализира) сопственикот, а електромоторот со моќност од 95 КС и 226 Nm го забрзува ова возило до 140 km/h.
Истиот електромотор ги задвижува и преостанатите два концепти. Првиот од нив е Fluence Z.E. – вистинска семејна лимузина, односно најава за електричната верзија на неодамна претставениот конвенционален модел Fluence (поранешен Megane Sedan). Менувачот е директен со редуктор и инвертор напред и назад, а автономијата со едно полнење на акумулаторот изнесува 160 километри.
Последниот од гамата е електричното Kangoo, кому електричниот погон нема да му ја смени основната функција – со својата пространост да нуди широк простор за багаж, пренос на разна стока или пак достава на истата.
Сите четири модели имаат три начини на полнење / напојување – стандардно, брзо или едноставна замена на акумулаторот на станици, кои допрва ќе почнат да се градат. Токму затоа сериските верзии на овие концепти се очекуваат најдоцна во 2011 година.
|