|
Турбо моторот со 260 КС и спортско подвозје гарантираат уживање во возењето
Импресивната Mazda 3 MPS го наследува моделот кој до пред некое време имаше најмногу “коњи” на предната оска. Овој пат не е зголемена силата, туку е работено на возните својства и на менаџментот на моторот, кој сега ќе одговара побрзо на педалата за гас.
Подвозјето ќе биде целосно преработено, ќе биде спуштено за неколку сантиметри во однос на обичниот модел, додека на предната оска ќе биде вграден самоблокирачки диференцијал, кој нема да дозволи тркалата да се вртат до бесконечност и во големо ќе ги подобри возните својства.
Моторот ќе биде истиот од претходната генерација – 2,3 литарски турбо со четири цилиндари и 260 КС, доволни за забрзување до стотка за околу 6 секунди и максимална брзина од 250 km/h. Важна информација е и таа дека потрошувачката ќе биде намалена во однос на претходникот за околу 10% и покрај подобрувањето на својствата на моторот.
Надворешно, Mazda 3 MPS изгледа како еден вистински рели автомобил, со отвор на врвот на хаубата и со спојлери по целото тело. Ако новата 3-ка изгледа нежно и насмеано, тогаш оваа изведба изгледа брутално и луто и остава одличен впечаток.
i-Stop систем за намалување на потрошувачката со 2,0 бензинецот
Покрај спортската изведба, Mazda ја претстави и еколошката верзија на 3-ката, со 2,0 литарски бензинец со најновата генерација на директно впрскување и Stop&Start систем кој во Mazda се вика i-Stop. Потрошувачката е намалена за 12% во однос на моделот опремен без тој систем, посебно во градски услови тргни-застани, кога подобрувањето на економијата е уште повеќе изразено.
|