|
Каков е од надвор
Јапонскиот SUV го красат пред се елегантни линии, со мала доза на робусност, која ја нагласуваат поголемите браници и калници. Вакви надворешни линии можат да легнат и на некој компакт, што во случајот на CR-V не е воопшто лоша работа.
.jpg)
Сепак, гледајќи ги конкурентите, не може а да не се признае дека има и поубави модели на пазарот. Citroen C-Crosser, Peugeot 4007, Ford Kuga, Toyota RAV4 и Opel Antara, изгледаат поспортски и посвежо од CR-V, нормално целејќи на помладата публика.
Каков е внатре
Многу простор, врвна ергономија, врвна завршна обработка, добра прегледност...
.jpg)
Простор
Во CR-V, и на предната и на задната клупа има натпросечно многу простор. Зад управувачот може да се смести дури и возач со над два метри, а назад комфорно да седне возрасен патник. И багажникот брои 524 литри, што е и повеќе од доволно за четиричлено семејство. Да не спомнуваме и дека багаж може да се полни и над задната полица...
И функционалноста е одлична – скоро секаде има празен простор за да се оставаат ситници, а задната клупа може да се лизга напред назад и има навалувачки наслони за грб. Како во моноволумен!
Удобност
Кога е во прашање удобноста, модерните SUV се обидуваат да бидат што поблиску до моделите од средната класа. Меѓу сите нив, CR-V е најдобар. Толку добро ги впива нерамнините на патот, што ако се замижи со очите, за момент ќе помислите дека сте во Accord.
На ова се надополнува и извонредно избалансираниот мотор, кој работи без вибрации и произведува звук само кога возачот ќе го побара тоа од него, односно над 4.000 вртежи во минута. Единствен, ако може да се каже минус е звукот од ветерот при поголеми брзини, но многу конкуренти се дури и полоши во овој дел.
Ергономија
Иако не е футуристички дизјаниран како другите модели на Honda, CR-V нуди врвна ергономија, пред се благодарение на високо поставениот менувач, кој е многу блиску до воланот, кој сега може да се подесува и телескопски и вертикално. Сите команди се на дофат на рацете и нивното користење е многу интуитивно. Дури и прегледноста е добра, па и покрај поголемите димензии, возачот не би требал да има проблеми со паркирањето.
Материјали/Завршна изработка
Иако завршната обработка е на врвно ниво, на CR-V повеќе би му одговарала помека и поугледна пластика, каква што имаат повеќето од конкурентите. Од друга страна, велур материјалот кој го имаше на седиштата и на вратите од тестираниот модел, потсетува на премиум автомобил и изгледа многу скапоцено.
(1).jpg)
На пат
Врвните возни својства на асфалт, придружени со одличното кочење и доброто потегнување од моторот, потсетуваат на компакт автомобил. Подобро од SUV и не можело да се извади!
Мотор/Перформанси/Менувач
Во овој дел Honda секогаш добивала висока оценка, а така ќе биде и сега. Современиот бензински мотор, има солидни 150 КС, извлечени од 2,0 литарска зафатнина со помош на i-VTEC технологијата, која потекнува од F1 моторите на Honda.
Резултатот е одлична еластичност и врвни перформанси кога моторот ќе се заврти над 4.000 врт/мин, што е придружено со прекрасен, спортски звук. Забрзувањето до стотка трае 10,2 секунди, додека максималната брзина изнесува 190 km/h – повеќе и од доволно за еден семејно ориентиран SUV.
На добрите перформанси се придружува и шест степениот мануелен менувач, кој има добро одмерени преносни односи.
Возни својства
Со оглед на тоа како ги пегла нерамнините на патот, очекувањата беа дека CR-V нема да се снајде во свиоците. Напротив, благодарение на интелигентниот погон на сите четири тркала, ниското тежиште и високата крутост на каросеријата, возните својства се како кај некој компактен автомобил.
Погонот, во нормални услови, заради намалена потрошувачка е само на предните тркала. Но, доколку побрзо се влезе во кривина и ако тие пролизгаат, силата се префрла и на задните, па возењето е како по шини – нема ниту подуправливост, ниту преуправливост. За ова е заслужно и малото навалување на високата каросерија.
Honda CR-V може да се пофали и со одличното кочење, кое е права реткост во оваа класа. Педалата е лесна за дозирање, а патот на кочење е краток скоро како кај автомобилите од средната класа. Како да се работи за лесен компакт, а не за тежок SUV.
Единствен недостаток кај Honda CR-V се возните својства на терен. Иако има добар влезен агол во предниот дел (браникот е закосен нагоре и е подигнат од подлогата), споредено со компактните SUV од класата, Јапонецот е еден од најмалку проодните автомобили. Погонот на сите четири тркала е доволен само за снежни услови и за лизгав коловоз. За валкање во кал и качување по камења, има други автомобили на пазарот.
Управување
И управувачот и менувачот заслужуваат највисоки оценки. Првиот е прецизен при поголеми и лесен при помали брзини, а работењето со менувачот е вистинско задоволство, впрочем како и во секоја Honda.
Трошоци
Со актуелната цена од 24.990 евра и со несебично богатата опрема, CR-V е извонредно исплатлив автомобил. Тука се придружува и бензинецот, кој иако има 150 КС, знае и да штеди.
Цена/Опрема
Со Elegance ниво на опрема и бензинец со 150 КС, CR-V во моментов на нашиот пазар чини 24.990 евра. Со оглед на тоа и со оглед на квалитетот на возилата на Honda, CR-V е еден од најисплатливите SUV автомобили.
Опремата вклучува: АБС+ЕБД, контрола на стабилноста, двозонска автоматска клима, 6 воздушни перничиња, магленки, радио со CD+MP3, централна брава со далечинско, целосна електроника, серво управувачот подесив по височина и длабочина, темпомат, 18 инчни алуминиумски тркала, задни затемнети стакла и велур седишта. За 24.990 евра, повеќе и не смее да се побара, нели?
Потрошувачка
Фабриката вели дека бензинецот во CR-V, во просек бара по 8,1 литар гориво на 100 km. На тестот, ние потрошивме еден литар повеќе, со нормално возење. На отворено, потрошивме 7,5 литри (фабрички 6,7), додека во град потрошувачката растеше и малку над 11 литри (фабрички 10,4). За бензинец со 150 КС, вграден во толку голем автомобил, ова се одлични резултати.
Безбедност
Бидејќи за влакно му имаат побегнато петте ѕвездички за возрасни, а има и одлична оценка за заштита на деца. Во сериската опрема има 6 воздушни перничиња и ABS+EBD, што е во просекот на класата.
.jpg)
За кого не е овој автомобил
Сите кои сакаат добри теренски возни својства или каква и да било проодност на терен, тоа нема да го добијат со CR-V. Многу од конкурентите нудат барем некаква редукција во погонот и се пооддалечени од тлото, но Јапонците не се ни труделе на направат off-road автомобил.
За кого е овој автомобил
CR-V е можеби најдобриот SUV за на асфалт. Нуди врвна удобност и врвни возни својства, како во автомобил од средната класа. Класично изведената и извонредно пространата внатрешност, алудираат само на едно – оваа Honda е пред се наменета за средовечните луѓе, кои со својата фамилија сакаат удобно, но во стил на авантуристи, да стигнат до саканата дестинација. За цената по која се нуди, овој SUV го нуди најпрефинетиот и најсмирен транспорт!
|