Ако за момент заборавиме на надворешноста, во ентериерот има простор и за играње фудбал, а и багажникот е меѓу поголемите во класата. За пофалба е и квалитетот на материјалите и завршната обработка, кои се скоро како во Focus. Патниците нема да се пожалат ниту на удобноста, бидејќи Fusion меко ги впива нерамнините.
Можеби е изненадување за еден Ford, но Fusion не е стабилен и управлив како неговите браќа. На ова се надоврзуваат и слабите и неекономични мотори, посебно бензинците, кои не нудат никакви перформанси, а се и тоа како жедни за гориво. Затоа, препорака се дизелите, но ниту тие не се економични како оние на конкурентите.
Технолошки застарените мотори, кои трошат малку повеќе гориво, придонесуваат и за пониската цена на Fusion. Сепак, конкурентите за малку повеќе пари нудат и поголем стил и помодерна технологија. На сите на кои не им се важни овие две категории и сакаат простран и евтин автомобил, Fusion дефинитивно доаѓа во предвид.