Држењето на патот е феноменално. И покрај тоа што е автомобил со заден погон, BMW 3 вози како по шини во свиоците, влевајќи му голема доверба на возачот. Префинетите мотори, било дали се работи за дизели или бензинци, дополнително го распламтуваат срцето на патниците, но не и горивото – важат за најголеми штедливци во класата, благодарение на Efficient Dynamics системот.
Во склад со можностите на шасијата и моторите е и управувањето – директно ги пренесува информациите од патот и е прецизно како механизам на швајцарски часовник. Врвното задоволство го заокружуваат менувачите, кои се неверојатно прецизни, а менувањето е меко и течно.
Но, сето претходно наведено го имаа и сите претходници на 3-ката. Ново кај актуелниот модел е што е одговорено на поплаките за тесна внатрешност. Сега, простор има и на предната и на задната клупа, а и багажникот брои солидни за премиум класата, 460 литри. Во новата 3-ка, дури и централната конзола не е веќе наклонета кон возачот, па сега и патниците ќе можат да изберат музика по нивна желба.
Сепак, на сметка на провкласните возни својства, страда удобноста во возењето. При помали брзини, честите нерамнини на нашите патишта лесно се пренесуваат во внатрешноста. BMW 3 се однесува подобро на автопат, кога е многу тивок, рафиниран и смирен, но повторно, нашите неквалитетни патишта знаат да го извадат од колосек.
Ако може да се помине преку малку понеудобното возење, не е тешко да се препорача 3-ката на BMW. Има извонредни возни својства и перформанси и е на самиот врв кога е во прашање потрошувачката. Секако, BMW 3 најдобро ќе им стои на мажите, на било која возраст. Ова е вистински вијагра автомобил.