И петтата генерација на Polo го нуди истото, секако, повторно со покласичен дизајн, за целосен заклучокт дека и ова Polo повторно e помеѓу најкомплетните модели во класата.
Секако, горе споменатите особини, Volkswagen ги усоврши до максимум. Моторите сега се во самиот врв на класата кога е во прашање потрошувачката, а TSI изведбите нудат и врвни перформанси, со забелешка дека основниот 1.2 TSI мотор е погоден за низ град, а е малку тромав при повисоки брзини. За квалитетот нема што многу да се зборува – се е традиционално германски цврсто склопено, па не недостасува чувствона солидност, иако впечаток е дека повторно пластиката внатре е тврда на допир и делува малку неугледно.
Во однос на изведбата на ентериерот, нема ни трага ни глас од модернизам. Командите за климата се слични на моделите на Volkswagen од пред 10-тина години, прекинувачот за светло е се уште е на левата страна до управувачот. Ниту надворешниот дизајн не отиде во футуристички правец, иако предната маска делува многу посвежо и поагресивно... Воопшто, целиот дизајн ја следи идејата за функционалност, па затоа впечаток е дека дизајнерите и не биле многу креативни.
Но, други работи се поважни за купувачите на овој автомобил. Пространоста и напред и назад е меѓу најдобрите во класата, а со удобноста Polo може да конкурира со компактната класа! Истото важи и за звучната изолација – тука германецот нема конкуренција. Со неколку зборови – Polo е најудобниот и најрафиниран автомобил во класата.
Пофалби и за прегледноста, која заради класичниот облик на каросеријата е една од најдобрите во класата, а висока оценка заслужува и ергономијата – сите команди се на дофат на раката и различни типови на возачи без проблем би ја пронашле идеалната позиција.
Солидни се и возните својства, но тука Polo е само во просекот на класата. Иако се однесува стабилно и предвидливо, има добро управување и добри менувачи, Polo не може да се мери со Fiesta, 207 или Mazda 2, кога е во прашање динамиката или агилноста при возењето.
Кога главната забелешка за некој автомобил се однесува на дизајнот, јасно е каде цели тој – високо, на врвот од класата. Но, спој на различни добри карактеристики, секако носи и повисока цена. Најмалиот Volkswagen е најскап модел во класата, а со посилните мотори и повеќе опрема дури е поскап и од некои компакти!
За тие кои ги ценат квалитетите на Polo, можеби високата цена и нема да биде проблем, иако факт е дека конкуренцијата е поевтина и има побогата опрема.