Секако, просторот во внатрешноста е на највисоко ниво, било дали се работи за предната или за задната клупа. Високо е и нивото на функционалноста, бидејќи има многу места за одлагање ситници, а седиштата лесно се склопуваат. Патниците ќе бидат задоволни и од возењето – удобноста е на мошне високо ниво. Пребирливите можеби ќе најдат замерка во помалку квалитетната пластика, но оправдување може да се бара во ниската цена.
Онаму каде што Doblo собира многу поени е тоа како вози. Стабилноста е на највисоко ниво во оваа класа – Италијанецот дури конкурира и на некои патнички автомобили. На ова се надоврзуваат и економичните и полетни мотори, особено дизелите, кои се шампиони кога е во прашање односот перформанси – потрошувачка. Единствена замерка може да се упати на управувањето, кое не е доволно директно.
И како и секој Fiat, и Doblo е извонредно поволен автомобил. Опремата за луксуз е богата, а цената, посебно кога има попусти, може да биде извонредно ниска.